Државниот завод за статистика (ДЗС) пресмета раст на БДП од 4,3 проценти во вториот квартал, споредено со истиот период минатата година. Министерката за финансии тврди дека станува збор за еден од кварталите со највисок економски раст во последните две и пол години, а растот се должи на зголемените инвестиции, односно унгарскиот кредит, како и растот на увозот и извозот и на секторот градежништво.
„Структурата на БДП покажува дека растот има широка основа и поддржан е од повеќе сегменти на економијата. Особено силен импулс доаѓа од инвестициите. Бруто инвестициите во вториот квартал бележат реален раст од 16,5 проценти што укажува на засилена инвестициска активност во економијата. Позитивни се движењата и во надворешната трговија. Извозот на стоки и услуги реално е зголемен за 10,4 проценти што претставува дополнително забрзување. Позитивни резултати се забележуваат и на производната страна, градежништвото бележи силен раст од 21,9 проценти“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии.
СДСМ ги обвини премиерот Мицкоски и министерката за финансии Димитриеска-Кочоска дека го кријат долгот од 350 милиони евра на ЈПДП и дека од јавноста кријат ново задолжување од 1,3 милијарди евра кое поминало на седница на Владата одржана на 31 август, а пресметките на опозицијата се дека во изминатите две години, Владата предводена од премиерот Мицкоски ја задолжила државата за дополнителни четири милијарди евра.
„Милијарда и триста милиони евра нов долг со кој што вкупниот долг на земјава, ќе порасне на досега рекордни, никогаш недостигнати, речиси 12 милијарди евра од кои над четири милијарди се нов долг само во изминатите две и пол години од власта на Христијан Мицкоски. Со тоа, долгот ќе порасне на 65 проценти, повторно рекордни, од БДП. Оваа власт нема ниту капацитет, ниту стратегија, ниту желба да направи нешто добро за граѓаните“, обвини Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Министерката за финансии децидна дека новото задолжување е за да се покријат долговите кои ги направиле нивните претходници, односно СДСМ.
„Долгот кој што опозицијата го остави за 2027 година е речиси 1,5 милијарди евра. Тоа се долгови кои што тие ги имаат направено и треба да ги вратиме. И легитимно е дека мора навремено да се организираме, да обезбедиме средства за да ги вратиме старите долгови“, возврати Димитриеска-Кочоска.
СДСМ најави дека повторно ќе поднесе законско решение за зголемување на минималната плата на 600 евра и ќе предложи субвенционирање на придонесите за приватните компании за разликата што произлегува од зголемувањето на платата.
Огнен Чанчаревиќ













