Катар загуби околу 24 милијарди долари приходи од продажба на течен природен гас (ЛНГ) за време на шестмесечната војна на Блискиот Исток додека неговиот извоз на ЛНГ падна за дури 96 отсто во однос на истиот период лани, покажуваат пресметките на „Ројтерс“.
Бројот на ЛНГ пратки кои го напуштиле Катар, според податоците на компанијата ИЦИС, падна од 509 во 2025 година на само 18. Како главен проблем се наведува речиси оневозможениот премин низ Ормускиот Теснец низ кој минуваше голем дел од катарскиот извоз пред војната.
Поради тоа, Катар стана еден од најголемите енергетски губитници од војната, бидејќи во ракетирањата е оштетен и клучниот катарски комплекс за производство на ЛНГ гас – Рас Лафан.
Компанијата „Катар енерџи“ проценува дека поради оштетувањата на Рас Лафан би можела да загуби околу 20 милијарди долари годишен приход, а неговата поправка би можела да трае до пет години.
Нарушените снабдувања на Блискиот Исток истовремено ја пренасочи дел од побарувачката кон САД кои профитираат од повисоките цени и фактот што нивниот гас доаѓа надвор од воена зона, а Европа се соочува со проблеми за пополнување на складиштата во пресрет на новата грејна сезона без вообичаените катарски испораки, пренесува порталот Oilprice.












