Вероника Консевич ѝ донесе нов медал на Македонија на Медитеранските игри во Таранто. Македонската борачка го освои бронзеното одличје во слободен стил во категоријата до 57 килограми.
Консевич во борбата за третото место ја совлада Милица Перовиќ од Србија со 7-5 и стигна до голем успех за македонското борење.
Нејзиниот резултат добива дополнителна тежина ако се знае дека Консевич е мајка на 11-месечно бебе. Таа во Таранто пристигна заедно со своето бебе, кое ѝ е најголема поддршка и дополнителен мотив на Медитеранските игри.
Со бронзата на Консевич, македонското борење стигна до четири медали во Таранто. Претходно Фати Вејсели и Реџеп Хајдари освоија сребрени одличја, а Ахмад Магомедов бронза. Денеска медал за Македонија обезбеди и боксерот Ален Рустемовски.












