Иран тврди дека може да се спротивстави на проширените американски санкции, откако Вашингтон најави, како што го опиша, „економски Ден-Д“ против земјата, со цел да ја изолира од глобалната економија. Иранскиот министер за економија Али Маданизадех изјави дека Техеран е „целосно подготвен“ за санкциите, за кои рече дека ќе доведат до „уште еден пораз“ за САД.
При објавувањето на низата нови мерки, американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека секоја земја што финансиски соработува со Иран ќе биде изолирана, а банките и компаниите што работат со Иран ќе ја споделат неговата изолација доколку одбијат да ги прекинат врските.
Некои економисти се сомневаат дека најновите санкции ќе бидат ефикасни, бидејќи тоа ќе зависи од реакцијата на трговските партнери на Иран. Меѓу нив е Кина, најголемиот купувач на иранска нафта, која ги игнорираше претходните американски санкции и продолжи да тргува со Техеран.
Маданизадех рече дека ниту Кина ниту Русија не ги прифатиле американските мерки и предвиде дека и други земји ќе им се спротивстават.
„Владата е и беше подготвена и има двегодишен план за справување со овие настани“, изјави тој за државната телевизија, додавајќи дека Техеран „долго време ги очекувал овие планови“.
Како одговор на американската најава, Кина соопшти дека остро се спротивставува на она што го нарече „нелегални еднострани санкции“. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијанг, изјави дека тактиките на економски притисок нема да помогнат во решавањето на проблемите и дека Пекинг ќе ги заштити сопствените интереси.
Војната доведе до зголемување на глобалните цени на нафтата, а како одговор на најновата закана Иран предупреди дека ќе го запре целиот извоз на нафта од регионот доколку војната продолжи.
„Сакаме денес овде јасно да ставиме до знаење дека никој не е надвор од досегот на американските санкции. Ако тие (Кина) олеснуваат трансакции и се дел од екосистемот што ја претвора иранската нафта во пари, а тие пари се користат за репресија, ќе бидат цел на санкции. Сметаме дека најдобриот начин за соработка со земјите е преку тивка дипломатија, и со секоја земја јасно ги усогласуваме нашите очекувања. Ние знаеме кои се тие, а и тие знаат кои се. Затоа, кога чеканот на мерките на американското Министерство за финансии ќе падне врз нив, нема да имаат кого да обвинат освен самите себе“, изјави Скот Бесент, министер за финансии на САД.
„Секако, тие сакаат да извршат економски терористички напад врз нас. И ние имаме свои алатки; и ние знаеме како да ја играме играта. Овојпат тие повеќе не треба да мислат дека ние ќе останеме во дефанзива и само ќе се браниме. Треба да очекуваат и напад од наша страна. Како што реков, униполарниот свет заврши. Како што видовте, две од најголемите земји во светот не ги прифатија овие нови санкции и овој нов план и одбија да се приклучат кон нив. Речиси сме сигурни дека и многу други земји, официјално или неофицијално, исто така нема да ги прифатат и, ако даде Бог, тие ќе доживеат неуспех“, порача Али Маданизадех, министер за економија на Иран.
Никола Илиевски












