Нема да ѝ се потчиниме на Русија и да отстапиме од она што е наше, изјави претседателот Володимир Зеленски, на денот кога Украина ја одбележува својата независност. Во видео обраќањето до украинските граѓани, Зеленски апелираше и до светските лидери да се обединат во санкциите против Кремљ и да и ја обезбедат на неговата држава помошта која и е неопходна да се одбрани од руската агресија.
„Нема да им дозволиме да ја преземат иницијативата, ниту да ја измамат Европа и целиот свет со тоа дека едноставно треба да се откажеме од Донбас и дека сè наскоро ќе заврши. Немаме никакви илузии. Не им веруваме. Нема да спасуваме половина милион руски војници од Кремљ. Русија постојано ги одложува роковите во кои, како што тврди, „дефинитивно, секој момент“ ќе го заземе целиот регион Доњецк. И понатаму ќе ги одложува тие рокови. Украина е поинаква и не го отстапува она што е нејзино“, порача Зеленски.
Претседателот Зеленски и првата дама на Украина, Олена Зеленска им оддадоа и почит на загинатите војници, положувајќи цвеќе пред ѕидот на сеќавањето, спомен-обележјето посветено на загинатите бранители на Украина во Киев.
Во главниот град на државата, денеска пристигнаа и повеќе европски лидери, дел од т.н. „Коалиција на подготвените“, земји кои најсилно ја поддржуваат Украина во војната против Русија.
Меѓу нив е и британскиот премиер Енди Барнам, кој најави дека Обединетото Кралство ќе ги сподели со Украина доверливите информации за компонентите кои се произведуваат во Британија, а се користат во крстосувачките ракети со долг дострел, Скалп. Според кабинетот на Барнам, тоа ќе им овозможи на Франција и Украина да воспостават производни линии за склопување на проектилите кои користат британска и француска технологија.
Официјална Москва, која минатата недела веќе го предупреди Лондон на „последици“ поради испораката на беспилотни летала за Киев, денеска повтори дека ваквите најави на новиот англиски премиер, се исклучително негативни.
„Велика Британија учествува во оваа војна на страната на киевскиот режим. Велика Британија систематски и редовно го разгорува огнот и кова заговори, со цел на никаков начин да не дозволи мировниот процес да напредува“, изјави Дмитри Песков, портпарол на претседателот на Русија.
Повеќе од четири години од почетокот на руската инвазија на Украина, на линијата на фронтот веќе со месеци нема значителни промени, додека и речиси едногодишните мировни иницијативи предводени од САД не дадоа позначаен резултат, завојуваните страни се заглавени во спирала на ескалирачки воздушни напади, во кои гинат цивили и се уништува инфраструктурата.
Никола Илиевски












