Канада ќе возврати со контрацарини, „трговската“ војна меѓу Отава и Вашингтон ескалира. Челик, млечни производи, бела техника, електроника и земјоделска опрема. Ова се областите, во кои, како што најави канадскиот премиер ќе бидат воведени контрамерки, кои треба да стапат во сила на 8. септември. Тој не крие дека јазот е премногу голем по како што го нарече „лошиот договор“ со Вашингтон за слободна трговија.
- Јазот помеѓу партнерството и конкурентот, за жал, остана премногу голем во последните денови. Затоа, синоќа им наложив на нашите преговарачи да се вратат во Отава. Не можеме да го прифатиме она што го понудија и нема да го дадеме она што го побараа, рече Карни.
Преговорите пропаднаа, по што стапија на сила новите американски царини од 50 отсто за канадски производи во вредност од околу 20 милијарди долари, што претставува околу 5,5 отсто од канадскиот извоз во САД. Канадскиот премиер најави дека неговата земја ќе одговори по принципот „долар за долар“ на новите американски царини.
- „Сега, Канада ќе ги усогласи новите царини на Вашингтон, долар за долар, со цел да ги заштити канадските работници, земјоделци, семејства и бизниси. Нашиот одговор ќе биде концентриран во сектори како што се челик, млечни производи, апарати за домаќинство, земјоделска опрема, пулпа и хартија и електроника, а исто така ќе вклучува и производи кои моментално се предмет на неоправдани царини според член 232 и 338“, рече Карни.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Канада сака „придобивките од тоа што е држава, но тоа не е“. Тој рече дека на американските земјоделци со години им биле наплаќани „огромни царински ставки“.
Најновите коментари на Трамп се последница на неговите ставови за тоа Канада да стане „51-ва држава“ на Америка, предизвикувајќи фрустрација кај нејзините лидери и жители.
Двете земји беа оптимисти за договор, но разговорите пропаднаа откако двете страни се обвинија меѓусебно дека прават промени во последен момент.
Новите американски царини од 50% ќе се применуваат на низа канадски стоки, покрај постојните американски царини за канадски челик, алуминиум, автомобили, вклучени се и виното, млечни производи, цемент, облека, како и опрема за хокеј.
Критичарите велат дека царините ги зголемија цените за американските потрошувачи и ја нарушија и оштетија глобалната економија.
Договорот го потпиша Трамп за време на неговиот прв мандат за да го замени Северноамериканскиот договор за слободна трговија од 1994 година. Тој е основа за годишна трилатерална трговија од 1,6 трилиони долари низ Канада, САД и Мексико. Порано ова лето, Канада и Мексико официјално побараа договорот да се обнови за уште 16 години. Сепак, САД одбија да го обноват во сегашната форма.
Билјана Ставрова












