Граѓаните имаат поголеми заштеди отколку што имаат кредити, а фирми повеќе живеат на кредит, покажуваат податоците на Народната банка.
Според извештајот за монетарни движења за јули, домаќинствата чувале над 7,5 милијарди евра во домашните банки, а имале кредити од околу 4,8 милијарди евра.
Од друга страна, фирмите имале депозити од скоро 3 милијарди евра, но должеле над 4,8 милијарди евра.
Граѓаните, барем тие што имаат, штедат, а фирмите не ги чуваат, туку ги вртат парите. Тоа е карактеристика, не само во Македонија, туку и во банкарските системи во регионот, па и во Европа, вели економскиот аналитичар Александар Талимџиоски.
„Фирмите најчесто земаат кредити за финансирање на одреден проект и во голема мера, по добивањето на кредитот, фирмите ги исплаќаат тие средства кон нивните добавувачи, додека кај граѓаните тоа не е случај. Граѓаните едноставно штедат голем дел од средствата коишто ги имаат и најчесто кредитите кои ги земаат се наменски – дали се станбени или потрошувачки кредити“, вели Талимџиоски.
Скоро 60 отсто од депозитите и две третини од кредитите се во денари, а една третина во странска валути, при што таа разлика е поизразена кај фирмите. Кредитите растат побрзо од заштедите, особено кај фирмите.
Сепак банките во земјава се поконзервативни и не си дозволуваат да дадат повеќе кредити, отколку што имаат депозити, вели Талимџиоски.
„Оној процент на ненаплатливи кредити, во овој дел Македонија е лидер во регионот со под 3 проценти ненаплатливи кредити, а во земјите од регионот се движат од 3 до 4,5 проценти“, вели Талимџиоски.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во јули се зголемиле станбените и потрошувачките кредити на граѓаните, а се намалиле долговите на кредитни картички и минусите на тековна сметка.
Срѓан Стојанчов













