Европското првенство во атлетика во Бирмингем заврши синоќа со нова доминација на Арманд Дуплантис, но и со историски достигнувања на британските спринтерки Ејми Хант и Дина Ашер-Смит.
Дуплантис ја продолжи доминацијата во скокот со стап, освојувајќи ја четвртата европска титула по ред. Швеѓанецот до златото стигна со прескокнати 6,15 метри, со што постави нов рекорд на европските првенства. Среброто го освои Гркот Емануил Каралис со 6,00 метри, а бронзата Французинот Батист Тиери со 5,85.
Голема хероина на шампионатот беше Ејми Хант, која стана првата атлетичарка во историјата со четири златни медали на едно Европско првенство. По титулите на 100 и 200 метри и во женската штафета 4х100 метри, Хант триумфираше и во мешаната штафета 4х100 метри.
Британската штафета во состав Џеремаја Азу, Дина Ашер-Смит, Жарнел Хјуз и Хант победи со европски рекорд од 39,97 секунди. Со овој успех историја испиша и Ашер-Смит, која стигна до 11-тиот медал на европските првенства, од кои осум се златни, и стана најтрофејната атлетичарка во историјата на натпреварувањето.
Италија го заврши шампионатот на врвот на табелата со 10 златни и вкупно 22 медали, пред Велика Британија која освои девет злата и вкупно 19 медали, додека Германија беше трета со 21 медал, од кои шест златни.












