Косовската компанија „Проекс Интернационал“ тргна по Тинекс. Бара дозвола од Комисијата за заштита на конкуренцијата да го преземе. Истовремено српски „Јасмин“ ги сака продавниците „Космо“.
Пред неколку дена до Комисијата е доставено известување за концентрација со која фирма „Проекс“ со седиште во Косово, има намера да стекне контрола врз „Тинекс маркетите“. За реализација на преземањето на 14 ти минатиот месец е регистрирана и нова фирма „Тинекс Маркет“ ДООЕЛ Скопје, преку која треба да се спроведува целата постапка. Косовската фирма досега не функционирала на македонски терен , па по тоа може да се каже дека станува збор за сосема нов играч на пазарот.
-Главна дејност на од Проекс Интернационал Л.Л.Ц.е трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна, пијалаци и тутунски производи. Проекс Интернационал Л.Л.Ц. и Групата на која припаѓа Проекс Интернационал Л.Л.Ц. немаат поврзани субјекти регистрирани во Република Северна Македонија, ниту оствариле било каков приход на пазарот во Република Северна Македонија во 2025 година, велат од Комисија за заштита на конкуренција.
Паралелно српската веледрогерија за козметика Јасмин има намера да ги преземе козметичкиот и парфемиски бизнис на Тинекс, познатиот Космо. Станува збор за четири продажни места.
-ЈАСМИН ПАРФИМЕРИЈА ДООЕЛ Скопје ќе стекне единствена контрола врз функционално определен дел од претпријатието на ТИНЕКС-МТ, односно ЈАСМИН ПАРФИМЕРИЈА ДООЕЛ Скопје ќе го преземе работењето на четири деловни единици – КОСМО Тинекс Дрогерии, кои како подружници работат под трговскиот знак „Cosmo” (“Целен бизнис”), заедно со залихите на готови производи, опремата и мебелот што се наоѓаат во нив, а преземените продавници ќе продолжат да работат под нов, различен бренд, додаваат од Комисија за заштита на конкуренцијата
Сега следи период на доставување на мислења и забелешки до комисијата, но се поочигледно е дека за релативно краток период на македонскиот пазар ќе се случат две промени.
Во изминатиот период можеше да се забележи дека во маркетите Тинекс недостасуваа доста производи и празни рафтови. На дел од продавниците се стави и клуч на врата.
Овој ланец на маркети долги години функционираше на македонскиот пазар.
Ирена Чачкова












