Украинските земјоделци се соочуваат со сериозни проблеми поради речиси целосниот прекин на извозот на земјоделски производи преку црноморските пристаништа. Русија во јули и почетокот на август изврши повеќе од 70 напади врз украинската пристанишна инфраструктура и 62 напади врз пловила.
Како резултат, извозот на жито во првите две недели од август е намален за 75 отсто на годишно ниво.
Проблемот доаѓа во најкритичниот период од жетвата. Складиштата се полнат, додека домашните цени на житото паѓаат и кај дел од земјоделците се под трошоците за производство.
Тоа го загрозува финансирањето на есенската сеидба, купувањето гориво и исплатата на работниците. Украинската централна банка проценува дека блокадата би можела да ја чини земјата околу 2,5 милијарди долари во девизни приходи до крајот на годината.
Киев бара алтернативни извозни маршрути преку железница, патишта и Дунав, но тие се ограничени поради посложените трговски услови со ЕУ, ниското ниво на Дунав и руските напади врз железничката инфраструктура.
Земјоделците предупредуваат дека доколку не успеат да ја продадат годинашната реколта и да обезбедат средства за новата сеидба, последиците би можеле да се почувствуваат и следната година, со ризик од поширока прехранбена криза.












