Во Европската Унија од денеска на сила се новите регулативи за амбалажа и амбалажен отпад, а една од најзначајните промени се однесува на таканаречените PFAS-соединенија во амбалажата за храна.
Промената особено ќе влијае врз амбалажата што потрошувачите секојдневно ја добиваат со храната за носење, како што се кутиите за хамбургери и помфрит, кесите за ќебапи и хартијата за пекарски производи.
Соединенијата PFAS се користат во таквата амбалажа заради нивната отпорност на вода и маснотии, односно својството на амбалажата да не дозволува маснотијата и влагата брзо да навлезат во хартијата или картонот.
Според новите правила, од денеска на пазарот на целата територија на ЕУ не смее да се става амбалажа за храна што содржи PFAS во концентрации еднакви или повисоки од пропишаните граници. За поединечни PFAS-соединенија границата е 25 ppb, за збирот на целно анализираните PFAS-соединенија 250 ppb, додека за вкупната содржина на PFAS, вклучително и полимерните PFAS, границата е 50 ppm.
Инаку PFAS е кратенка што се користи за именување неколку илјади синтетички хемикалии што се користат поради нивното својство да одбиваат или се отпорни на вода, маснотии и дамки. Познати се и како „вечни хемикалии“ бидејќи се многу постојани и како такви можат долго се задржуваат во животната средина.