Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Инфлaцијата благо забави, но зависноста од увоз се уште ја држи високо

/

Економија

Сподели преку :

Не сопира поскапувањето на месото, јајцата, маслото и млекото. Ако не се зголеми домашното производство, овој тренд ќе продолжи и во иднина, велат експертите. Покрај храната, драстично поскаување има и во образованието, каде  услугите за една година поскапеле за дури 30%. Од Министерството за економија пак уверуваат дека инфлацијата е под контрола.

Инфлацијата во јули забави на 2,3 отсто на годишно ниво, но многу од прехранбените производи и натаму бележат повисоки стапки на раст на цените. На пример, месото е поскапо за 6,6%, млекото и јајцата за 4,4%, маслото за 6,75%, па дури и водата е поскапа за 3,2%, пресмета Државниот завод за статистика.

Позначајно поевтинување во делот на храната има кај овошјето и безалкохолните пијалаци.

Експертите велат дека токму месото, маслото, млекото, јајцата се производи кои што најмногу ги увезуваме и затоа кај нив поскапувањето не запира.

  • „Доколку се работи за држава која што не ги задоволува своите потреби за храна од сопствено производство, тогаш секако движењата на цените во светот ќе влијаат врз цените во државата. Македонија е мала држава со отворена економија, која што не произведува доволни количини на земјоделско-прехранбени производи за да ги задоволи своите потреби и секако тоа ќе влијае на цените на храната во Македонија. Она што денеска се случува во светот поради кризите кои што се јавуваат, покрај другото и со клинматските промени, секако ги намалуваат понудите на храна, цените на храната растат и во светот, но посебно во држави како што е нашата каде што голем дел од доходот на домаќинствата оди за храна најмногу ќе влијае на порастот на цените. Дури и домашните производители она што го произведуваат, нормално го подесуваат согласно цените кои што се јавуваат на сетскиот пазар и она што доаѓа и од надвор“, вели Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна – Институт за агроекономија.

Според синдикалните пресметки на месечните трошоци, повеќе од една третина од приходите во семејството, или над 25.000 денари, се троши токму на храна и пијалоци.

Увозната зависност на Македонија за храна од година во година расте. Само во првата половина годинава увозот на храна е 540 милиони евра, или двојно повеќе отколку извозот.

  • „Македонија од година во година го зголемува тој негативен биланс во извозот и увозот на храна. Она што, еве, и официјално го потврдува Заводот за статистика, натаму го продлабочува проблемот со инфлацијата, односно она што од увозот ќе зависи врз инфлацијата“, вели Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна – Институт за агроекономија.

Во последните 30 години земјоделското земјиште е преполовено, а драстично се намалува и добиточниот фонд.
Состојбата може да се подобри со зголемување на домашното производство на храна, односно со подобрување на продуктивноста, како и воведување на нови технологии во земјоделството.

Освен храната, над 10% од синдикалната кошница се трошоците за образование, а токму услугите за предучилишно и основно образование за само една година поскапеле за дури 30%.

Од Минијстерството за економија смируваат дека ценовните движења остануваат стабилни, без значителни шокови на пазарот.

  • „Во моментов, официјалните показатели не упатуваат на потреба од воведување нови интервентни мерки, бидејќи ценовните движења се стабилни, а кај најзначајната категорија – храната – веќе втор месец по ред се бележи намалување на цените“, велат од Министерството за економија.

Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат внимателно ги следат и контролираат движењата на цените, со цел да се спречат евентуални злоупотреби и неоправдани поскапувања, а доколку се појават нови ценовни шокови ќе реагираат соодветно.

Мирјана Јовеска

 

Б.С.