Научници ги објавија досега најдеталните снимки од површината на Сонцето, направени со соларниот телескоп „Даниел К. Инује“ на Хаваите.

Истражувањето, објавено во списанието „Nature“, открива досега невидени детали и динамични процеси што се одвиваат на површината на нашата ѕвезда.

На снимките се забележуваат необични брановидни и пердувести структури, создадени од движењето на магнетизирана плазма со различни брзини.

Научниците го идентификуваа овој феномен како Келвин-Хелмхолцова нестабилност, која досега никогаш не била набљудувана со ваква прецизност на Сонцето.

Истражувачите велат дека овие сознанија ќе помогнат подобро да се разберат сончевите ерупции и исфрлањата на коронална маса, кои можат да предизвикаат геомагнетни бури и да влијаат врз сателитите, ГПС-системите и електричната инфраструктура на Земјата.












