Бројот на работници во индустријата во Македонија континуирано се намалува. Државниот завод за статистика денеска објави дека во јуни годинава има за 2,3% помалку работници отколку истиот месец лани. Но, негативниот тренд трае веќе две години бидејќи последен пат бројот на работници во индустријата се зголемил во јули 2024 година.
Дополнителна грижа во оваа насока претставуваат и најавите за затворање на вкупно три погони во индустриските зони од страна на странски инвеститори, кои се соочуваат со низа кризи и турбуленции на европскиот пазар каде главно извезуваат.
Од друга страна, пак, се зголемува индустриското производство, кое во јуни забележа раст за 6,5% во однос на истиот месец лани.
Но, Еуростат минатата недела објави дека Македонија е меѓу земјите со најниско ниво на БДП по жител, односно полошо ниво од нас има единствено во Босна и Херцеговина.
Што се однесува до минималната плата, Еуростат објави дека иако Македонија е меѓу државите со најниска минимална плата, сепак земјава стои подобро според куповната моќ дури и од вкупно седум членки на ЕУ.
„Според најновите податоци од Евростат, мерено според куповната моќ, вредноста на бруто минималната плата во Македонија во јули 2026 година е повисока во споредба со седум земји членки на ЕУ, таа е повисока од сите земји од Западен Балкан и од Турција“, напиша гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Но, граѓаните имаат поинаков впечаток од статистичките податоци.
Нето минималната плата во Македонија изнесува 26.046 денари, а пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека месечната минимална синдикална кошница за четиричлено семејство достигна 68.500 денари, што е повеќе од две и пол минимални плати.
Мирјана Јовеска













