До постигнување договор се Иран и Оман за повторно воспоставување на комерцијалниот поморски сообраќај низ Ормуската Теснина, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на ирански и американски претставници.
Според весникот, доколку биде постигнат договорот, бродовите што влегуваат во Персискиот Залив ќе пловат низ поморски коридор под контрола на Иран и во близина на неговиот брег, додека оние што излегуваат ќе користат коридор поблиску до брегот на Оман.
Ирански претставници за „Њујорк тајмс“ изјавиле дека нема да се наплатува патарина, но дека договорот предвидува „надомест за услуги“ за покривање на трошоците поврзани со влијанието врз животната средина, обезбедувањето на товарните бродови и танкерите, како и со персоналот. Приходите, според нив, би се делеле рамноправно меѓу Иран и Оман.
Претставник на САД, пак, изјавил дека иранската верзија „не е точна“, наведувајќи дека какви било „привремени“ пловни коридори низ Ормуската Теснина нема да бараат одобрение од Иран и нема да вклучуваат никакви надоместоци.












