По неколку недели раст, пресврт на светските берзи. За една недела цената на нафтата падна за околу 10 проценти. Дали ова ќе помогне да се стабилизираат и цените на домашниот пазар ќе се знае утре, кога Регулаторната комисија за енергетика ќе ги донесе новите одлуки за горивата.
Во изминатите три до четири недели, поради обновувањето на нападите на релација САД – Иран имаше значителниот пораст на цената на нафта, што повлече повисоки цени и на домашен терен, па така дизелот поскапи за околу 18 денари, а бензините за околу 9 денари за литар.
По ваквиот скок, властите во земјава одлучија да ја намалат акцизата за горивата, еден од механизмите кои се користи за да се намали притисокот од глобалните случувања.
Беше најавено и дека можно е да има и намалување на ДДВ то за горивата доколку продолжи ценовниот шок. Па, останува да се види какви одлуки ќе се донесат утре и дали ќе има потреба од дополнителни интервенции.
Пред неколку дена и првиот регулатор Ристов соопшти дека во овој момент не е проблем испораката на сурова нафта, проблем е нејзината обработка односно дериватите затоа што многу од рафинериите се уништени во местата каде што се воените жаришта па поради тоа се појавуваат недостатоци.
Иако, падот на цената на нафтата буди надеж за стабилизација случувањата на Блискиот исток продолжуваат да ги диктираат цените на светските берзи, притисокот врз нив е се уште голем, а неизвесноста останува. Секоја нова ескалација може да направи нови турбуленции на пазарите.
Во моментов цената на Брент нафтата, која е еден од параметрите за формирање на цените на горивата на домашен пазар, е нешто над 80 долари за барел, за разлика од стартот на минатата недела кога се движеше околу 100 долари за барел.
Во меѓувреме почнаа нови преговори помеѓу САД и Иран, без да се соопштат повеќе детали за тоа каде ќе се одржат и кој се ќе биде вклучен во нив. Но од нивниот исход ќе зависи во која насока ќе се движат берзите.
Ирена Чачкова












