Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Сили на ЕУ упаднаа на брод под сомнение дека е дел од руската „флота во сенка“

/

Свет

Сподели преку :

Поморската мисија на Европска Унија, предводена од Италија, упадна на танкер од т.н. руска „флота во сенка“. Тоа е втората таква операција за помалку од две недели, додека Европа го засилува надзорот врз бродовите за кои се сомнева дека ѝ помагаат на Москва да ги заобиколи санкциите за нафта.

Во соопштението од италијанското Министерство за одбрана се наведува дека танкерот „Тоа Пајох“, кој е под ЕУ санкции, e пресретнат западно од островот Пантелерија, во близина на Сицилија, додека пловел од Бенин кон Истанбул. Бродот, од минатата недела, плови под знаме на Камерун.

Поморските власти почнаа инспекција за да потврдат дали танкерот има законско право да плови под знаме на Камерун и дали неговите документи за регистрација се валидни.

Инспекцијата на поморската мисија на ЕУ, поддржана од брод од Грција и полски авион за поморска патрола, траеше околу два часа и беше безбедно завршена, соопшти италијанското МО.

Русија сè уште не го коментирала упадот на танкерот.

Поморската мисија на ЕУ на 20 јули изврши инспекција на бродот „МВ Саут Стар“, поврзан со руската „флота во сенка“, под сомнение дека плови под лажно знаме.

ЕУ воведе санкции врз голем број бродови за кои тврди дека се дел од „флота во сенка“ што Русија ја користи за да ги заобиколи ограничувањата за извоз на нафта од нејзината инвазија врз Украина.

Поморската мисија на ЕУ, наречена „ЕУНАВФОР МЕД Ирини“нема овластување да запленува бродови за време на вакви инспекции, а собраните документи националните власти можат да ги искористат за заплена доколку е потребно.

„ЕУНАВФОР МЕД Ирини“ почна во 2020 година за спроведување на ембаргото за оружје на ОН за Либија. ЕУ оттогаш го прошири нејзиниот опсег, овластувајќи ја да спроведува инспекции.