Единствената современа депонија во земјава извесно е дека ќе доцни со стартот за изградба, но и преработката на отпадот. Современиот систем за управување со отпад, кој треба да биде во близина на светиниколското село Мечкуевци требаше да почне со работа во 2023 година, но поради пандемијата доцни постапката за распишување на тендерот за изградба.
„Ние чекаме на донаторите. Проектната документација е во Брисел, тие треба да го распишат тендерот. Тоа веројатно ќе се случи до крајот на оваа година“, вели Ана Мазневска од Министерството за животна средина.
18 те општини формираа и јавно претпријатие „Еко исток-североисток“, но се уште не е избран директор на претпријатието и таму има натегање меѓу општините. Свети Николе има поддршка од општините од истокот и стои цврсто на ставот дека директорот треба да е од нивната општина, бидејќи депонијата се наоѓа на нивна територија, а Куманово, како најголема општина од североистокот бара првиот човек да е од нивните редови.
Општините од истокот и североистокот изминатиот период добија камиони за отпадот, деновиве почна и дистрибуцијата на контејнерите во комуналните претпријатија. Избрани се и двајца изведувачи кои треба да почнат со чистење на дивите и затварање на општинските депонии, кои се на ниво на ѓубришта.
Проектот за првата современа фабрика за отпад во земјава, која ќе чини 46 милиони евра стартуваше пред 12 години, на иницијатива на градоначалниците од истокот, подоцна се приклучија североистокот и Свети Николе од Вардарскиот регион. Целиот проект се реализира со финансиска помош и поддршка на Европската унија.
Викторија Јованова