Идејата на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино за пренесување на комерцијалните права за Светското првенство на нова компанија во сопственост на приватни инвеститори чија вредност се проценува на 20 милијарди долари наиде на силни критики и спротивставување во фудбалскиот свет.
Кои се големите вклучени играчи во плановите?
На чело на групата на потенцијални инвеститори би требала да биде инвестициската компанија Thrive Eternal чиј сопственик е милијардерот Џошуа Кушнер, пренесува британски Телеграф. Според медиумот, еден од главните комерцијални советници во проектот е и Грег Мареи, поранешен претседател и извршен директор на компанијата Liberty Media која е сопственик на комерцијалните права за Формула 1. Евентуалната трансакција во име на ФИФА би ја надгледувала банката JP Morgan додека во разговорите со потенцијалните дполгорочни инвеститори учествува компанијата OpenEconomics.
УЕФА го отфрли предлогот на Инфантино, кон заедничкиот став се приклучи и ФФМ
Меѓу првите кои кренаа глас е УЕФА и нејзините 55 членки меѓу кои и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Усогласениот став од Нион е дека ниту една европска репрезентација нема да учествува во натпревараувања под капата на ФИФА, доколку светската куќа на фудбалот не се откаже од предлогот за продажба на сопственичките удели во Светските првенства и други натпреварувања на приватни инвеститори.
Во заедничкото соопштение од Нион се наведува дека УЕФА едногласно и недвосмислено го отфрла предлогот на ФИФА, истакнувајќи дека Светското првенство не е инвестициски производ, туку едно од најголемите наследства на светскиот спорт. Притоа се наведува дека Светските првенства се градени со генерации, благодарејќи на фудбалерите, на репрезентации и навивачите ширум светот и „затоа ниту еден негов дел не смее да биде препуштен на приватни инвеститори“ со сублимирана порака дека „Светското првенство не е на продажба“.
Според европската Куќа на фудбалот, иницијативата била подготвувана во тајност и доведена до, речиси, усвојување без суштински консултации со организаторите кои управуваат со фудбалот. Во соопштението се потенцира дека националните федерации се ставени пред избор да прифатат, како што се наведува, неповратно препуштање на најзначајните фудбалски натпреварувања на приватен капитал или да сносат последици, што УЕФА го оценува како „управување со застрашување“, а не демократско одлучување.
Ставот на УЕФА е дека влезот на приватни инвеститори во сопственичката структура на натпреварувањата на ФИФА трајно би го променил начинот на управување со фудбалот, бидејќи комерцијалните интереси и очекувањата на акционерите би биле пресудни при носење на одлуки за меѓународниот календар, за форматот на натпреварувања и идниот развој на спортот.
„За ваков модел нема место во светскиот фудбал. Иднината на фудбалот не смее да биде диктирана од оние чија примарна цел е максимизирање на финансискиот принос. Интересите на националните асоцијации, лигите, клубовите, играчите и навивачите не смеат да бидат подредени на интересите на инвеститорите. Фудбалот не смее да ја заложи својата иднина за финансиска добивка. Ставот на Европа е јасен. Никогаш нема да му дадеме легитимитет на ваков модел. Никој нема морално право да продава нешто што му е доверено да го зачува за идните генерации. Како резултат на денешната дискусија, ниту една национална репрезентација членка на УЕФА нема да учествува во натпреварувањата на ФИФА се додека овие предлози останат активни, освен доколку бидат целосно повлечени и не бидат дадени правно обврзувачки гаранции дека ФИФА никогаш повеќе нема да го отвори своето управување или своите натпреварувања за приватна сопственост. Никој не треба да има дилеми: УЕФА и нејзините национални асоцијации ќе им се спротивстават на овие планови со целосна решителност“, се наведува во заедничкото соопштение на УЕФА.
Планот на ФИФА е сите комерцијални права на ФИФА, вклучително телевизиските права, спонзорствата, продажбата на билети и лиценцирањето да бидат обединето во нова компанија во која приватни инвеститори би можеле да купуваат малцински удели. Од светската Куќа на фудбалот претходно порачаа дека се планира, со одобрување на сите 211 земји членки, да се зголемат средствата за развој на фудбалот на над 10 милијарди долари.
Новиот проект под називот FIFA Forward Enterprise би требал да ги обедини сите комерцијални и организациски работи на ФИФА. Се проценува дека до крајот на годината би можел да обезбеди 4,2 милијарди долари врз основа на проценетата вредност на компанијата од преку 20 милијарди долари, со продажба на малцински, неконтролирани удели на долгорочни инвеститори.
Од ФИФА и порака дека „сета нето добивка ќе биде реинвестирана во развојот на фудбалот ширум светот“. Доколку планот биде усвоен, на секоја од 211-те национални федерации ќе ѝ биде понудена можност еднократно да добие до 20 милиони долари капитал.












