Косовските власти започнаа ископувања во селото Калудер, во општина Зубин Поток, откако беа пронајдени човечки останки за кои се претпоставува дека им припаѓаат на лица исчезнати за време на војната во Косово (1998–1999).
Локацијата е обезбедена и досега не била предмет на истрага во потрагата по докази за воени злосторства.

Според косовската полиција, во врска со случајот се уапсени двајца косовски Срби под сомнение за воени злосторства врз цивилното население.
Форензичарот Дитор Халити изјави дека првичните анализи потврдиле оти пронајдените останки се од човечко потекло и имаат форензичко значење.

Премиерот Албин Курти изјави дека истрагата треба да утврди што точно се наоѓа на локацијата и дали ќе помогне во расветлувањето на судбината на исчезнатите лица.

Според организациите за човекови права, околу 1.600 лица и натаму се водат како исчезнати по војната во Косово.












