Германскиот производител на автомобили „Бе-Ем-Ве“ (BMW) ќе укине 8.000 работни места ширум светот, јави германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на неименуван извор. Предвидено е намалувањето на работните места да се одвива преку флуктација на вработените и доброволно заминување.
Кратењето на работните места ќе се одвива од октомври годинава до крајот на 2027 година, а ќе бидат опфатени сите вработени во Германија кои не се директно вклучени во производството. Околу 84.000 од 154.000 вработени во „Бе-Ем-Ве“ работат во Германија. Компанијата не ги коментираше наводите на ДПА.
„Бе-Ем-Ве“ со седиште во Минхен е последниот голем германски производител на автомобили што спроведува голема програма за укинувања на работни места по серијата отпуштања во Фолксваген, Мерцедес, Ауди и Порше.
Германската автомобилска индустрија бележи пад на кинескиот пазар, а под притисок е на американските царини и кризата на Блиски Исток.
„Бе-Ем-Ве“ изминатите години подобро се снаоѓа од своите германски конкуренти. Компанијата инвестираше многу во развојот на својата платформа за електрични возила од следната генерација.
Фото: printscreen/youtube












