Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражни постапки против четири лица осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции.
Кај осомничените, во одделни полициски акции спроведени за време на викендот, биле пронајдени поголеми количини дрога и опрема за нејзино мерење и пакување.
Во една од истрагите се опфатени татко и син, кај кои во дом во Скопје биле откриени околу пет килограми марихуана наменета за продажба.
Во друг случај, кај 25-годишен жител на Арачиново биле запленети околу 1,8 килограми марихуана, додека кај 23-годишник од Аеродром биле пронајдени амфетамин, таблети, ЛСД, како и траги од кокаин и канабис.
Обвинителството за сите четворица осомничени побара определување мерка притвор, а истрагите продолжуваат со цел целосно расчистување на случаите.
