Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека посетата на воздухопловната база Довер, каде им беше оддадена почит на четворица загинати американски војници, била „многу тажен ден“. Тој нагласи дека досега во двата актуелни конфликтa загинале 18 американски војници, додавајќи дека „и една жртва е премногу“, но спореди дека бројот е значително помал во однос на претходните војни.
Трамп повтори дека САД, според него, „се движат многу добро“ во конфликтот со Иран, иако призна дека Техеран сè уште располага со одредени воени капацитети. Тој оцени дека Иран денес е значително послаб отколку пред неколку месеци, но останува сериозен противник.
Американскиот претседател истакна дека Иран сè уште не е подготвен за договор, обвинувајќи го за „лоши намери“. Меѓувреме, Техеран порача дека ќе одговори на секој напад според принципот „око за око“, што дополнително ги зголемува тензиите во регионот.
