Силно торнадо зафати во текот на вчерашниот ден повеќе села во Чешката република, убивајќи 4 луѓе, додека повеќе од 100-тина се повредени.
Несекојдневната временска непогода за овој дел од светот, корнеше дрва и покриви од куќите и зградите и преврте голем број автомобили во регионите на југо-источен Брецлав и Ходонин.
Биле регистрирани разорни ветришта кои се движеле со брзина од 219 км на час а најтешко зафатените села наликуваат на воена зона.
Во овој дел од Чешката република, паѓал и град со големина на тениски топки.
Владата во Прага соопшти дека повеќе од 1000 куќи претрпеле голема материјална штета и локалните власти преземаат мерки итно да им помогнат на луѓето чии покриви на куќите се уништени.
- Не можам да ви опишам, како во воена зона. Сè се вртеше наоколу и леташе во воздух, го однесе нашиот кров.
- Дрвјата паѓаа, патиштата се блокирани. Не можам да си одам дома.
- Половина од покривот го нема, прозорците се скршени, внатре влезе вода, не можеме да живееме веќе таму. Се надевам нема да врне повторно. Мајка ми има куќа и затоа сега одиме таму, велат граѓаните.
Силното невреме, остави и над 120 000 домаќинства без електрична енергија. Околу 360 полицајци се испратени како итна помош во регионот, заедно со војската.
На спасувачите од цела Чешка, како помош им дојдоа и нивните колеги од Австрија и Словачка. Со дронови и хеликоптери се пребаруваат остатоците од најтешко погодените села, каде се бараат евентуално повредени или преживеани луѓе.
Билјана Ставрова