Емотивни слики во седиштето на Епл Дејли во Хонг Конг, каде репортерите, новинарите и техничкиот персонал со аплауз и овации го одбележаа последното печатено издание на овој дневен весник.
Во редакцијата со аплауз беа поздравени и главниот уредник Лам Ман-Чунг, кој беше приведен од полицијата минатата недела но не и обвинет и извршната директорка Чан Пуи Ман.
Силна поддршка на овој весник дојде и од обичните граѓани. Илјадници луѓе во Хонг Конг во ред чекаа денеска од раните утрински часови да го купат последното издание на продемократскиот весник Епл Дејли, кој престанува со работа по 26 години. Според објавите на социјалните мрежи, повеќе локални продавачи до 10 часот наутро останале без копии од весникот.
Во текот на минатата ноќ, повеќе стотици луѓе и покрај силниот дожд се собраа пред редакцијата и печатницата на весникот, каде се печатеа последните милион копии.
Последниот про-демократски весник во Хонг Конг се затвора откако 5 уредници и директори беа уапсени од властите а повеќе имот вреден повеќе милиони долари имот беше замрзнат.
“Многу сум лут, многу несреќен. Моето лично чувство е како целиот мозок да ми е празен. Зошто мора да заврши вака? Зошто нема веќе да има весник Епл во Хонг Конг? Ова е наш последен ден, последно издание. Дали ова е одраз на реалноста дека Хонг Конг почна да ги губи слободата на медиумите и говорот?” – изјави графичкиот дизајнер Никсон Ву.
“Навистина болно чувство. Не би требало да заврши на овој начин. Може да видите дека многу наши колеги остануваат тука до крај, да ја завршат својата работа и потоа да одиме дома и да се грижиме како можеме за себе и семејствата” – додаде графичкиот дизајнер, Фунг Хо.
Замолкнувањето на Епл Дејли е последниот знак за решеноста на официјален Пекинг да воспостави целосна контрола над градот долго време познат по своите слободи и граѓански права, откако големите анти-владини протести во 2019-тата година ја потресоа владата.
Оттогаш официјален Пекинг воведе строг закон за национална безбедност, кој се користеше како изговор за апсењето на вработените во весникот, и ги промени изборните закони за да ги задржи опозициските гласови надвор од законодавното тело.
Епл Дејли беше формиран 1995-тата година од тајкунот Џими Лаи, само две години пред Велика Британија да ја предаде контролата на Хонг Конг на официјален Пекинг и првично работеше како таблоид, со трач приказни за поп ѕвездите.
Сепак, откако Кина ја презеде контролата над Хонг Конг, весникот се ребрендираше како гласник на демократските вредности, под мотото “фрламе светло над змиите, инсектите, глувците и мравките во темницата.”
Никола Илиевски