Илјадници јапонски компании започнаа денеска со масовна операција за вакцинирање на своите вработени и нивните семејства, на почетокот на националната кампања чија цел е да се имунизираат 13 милиони луѓе, забрзувајќи ја една од најбавните кампањи за вакцинирање на граѓаните во развиениот свет.
Таро Коно, јапонскиот министер задолжен за вакцинација, денеска ја прими својата прва доза од вакцината против Ковид-19, како дел од програмата за вакцинирање на државните вработени, која се одвива во министерството за образование.
Коно, со маската на која пишуваше “вакциниран”, изјави дека и тој се плашел од инјекции, но кога завршил, не чувствувал болка и се чувствувал добро.
Конечно, вие самите одлучувате. За мене, може ќе има несакани ефекти, но ова е многу ефективна вакцина. Затоа би сакал што е можно повеќе луѓе да ја примат. Би сакал да бидете внимателни да не дискриминирате на работа, само затоа што некој не можел и не се вакцинирал.
Планот на владата во Токио е преку програмата за имунизација да се допре до 13 милиони луѓе, за кои се обезбедени дози од вакцината на американскиот производител “Модерна”.
Вкупно, 3 и пол илјади компании се пријавиле за добивање на бесплатните вакцини а тој број постојано се зголемува.
Пријавените компании мора да претстават план за вакцинирање на најмалку 1 000 луѓе по секоја локација. Сепак, самите одлучуваат кого ќе вакцинираат, вклучувајќи ги семејствата на вработените, блиските компании со кои соработуваат и набавувачите.
Суштинско за оваа кампања е дека компаниите сами ќе ги обезбедат локациите каде ќе се вакцинираат нивните вработени, а нема да одат во големи вакцинални центри.
Јапонија досега има над 14 000 смртни случаи од Ковид-19 а иако кампањата за вакцинација започна во Февруари, досега целосно се вакцинирани само околу 6% од јапонските граѓани.
Никола Илиевски