Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас побара дополнителни санкции против Белорусија пред состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија на кој ќе се разговара за казнени мерки за властите во Минск по неодамнешното присилно слетување авион поради апсењето на опозициoнер.
„Мислам дека дополнителните санкции против Белорусија се неизбежни“, изјави Мас за германскиот весник „Велт“. Според него, санкциите треба да се прошират и на белоруската економија, како што се индустријата и енергетскиот сектор.
„На владата во Минск треба да и се ускрати можноста да собере средства во ЕУ со издавање државни обврзници“, додаде Мас.
Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска се состануваат во Луксембург и се очекува да одобрат воведување санкции за 80 функционери во Белорусија. Лидерот на белоруската опозиција, Светлана Тихановска, ќе разговара со министрите пред почетокот на состанокот.