Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека прекинот на огнот меѓу Израел и Либан ќе биде продолжен за уште три недели, по разговори во Белата куќа.
Сепак, тој нагласи дека постигнувањето долгорочен мировен договор ќе биде сложен процес кој ќе бара значителна поддршка од Вашингтон, особено во однос на разоружувањето на Хезболах.
Во изјава за медиумите, Трамп рече дека нема намера да брза со евентуален договор со Иран, додавајќи дека „она што го прави засега функционира добро“.
Меѓувреме, американската војска соопшти дека пресретнала брод со иранска нафта во Индискиот Океан, додека Трамп изјави дека САД имаат „целосна контрола“ врз Ормутскиот теснец.
Тензиите во регионот остануваат високи. Иранските власти зборуваат за „железно единство“ во одговор на тврдењата за внатрешни поделби, додека израелскиот министер за одбрана предупреди дека земјата е подготвена повторно да влезе во војна со Иран доколку добие зелено светло од САД.
