Пандемијата, климатските промени и се поголемото влијание на Кина, се најважните теми за кои лидерите на седумте најразвиени економии, се надеваат дека денеска ќе ги усогласат ставовите на самитот во Корнвол.
Задоволувајќи го инсистирањето на американскиот претседател, лидерите да разговараат за спротивставување на растечкото глобално влијание на Кина, усогласија финансиски план за инвестиции во инфраструктура, која ќе биде своевиден пандан на кинеската иницијатива „Појаси и патишта“, преку која Кинезите инвестираа милијарди долари во подобрување на копнената и поморската инфраструктура на историскиот пат на свилата. Иницијативата, која започна да се спроведува од 2013 година, се покажа како исклучително успешна и ја стави Кина во пол позиција, во економска и политичка смисла, во најголемиот дел на Азија и Африка, но што е уште пострашно за западните демократии, значително го зголеми своето влијание и во некои делови на Европа.
Планот за стратешкиот натпревар против Кина на Г7 ќе се нарекува „Да обновиме подобар свет“, но за сега не е познато ниту колку средства ќе бидат вложени, ниту кои ќе бидат приоритетните региони каде ќе се инвестира.
Администрацијата на Бајден, сака да докаже дека западните вредности можат да надвладеат, и токму поради тоа бараат подршка и соработка од останатите земји од Г7. Според нив кинеските инвестиции во неразвиените земји доаѓаат си превисока цена, многу од нив беа принудени да направат долгови кои ќе ги исплаќаат со децении, а принудната работа, која е дел од политиката на Пекинг за муслиманското малцинство, ја сметаат за морално и економски неоприфатлива. Токму ваквите практики, се убедени во американската администрација, значително придонесуваат кон зголемување на кинеската политичко и економско влијание.
Но од друга страна, за останатите две најважни теми, потребна е соработката од страна на Кина, па можеби останатите лидери нема да бидат толку расположени да ја стават на тапет најбројната држава на светот. Лидерите најавија сеопфатен глобален систем за предупредување, намалување на времето за развој, тестирање и одобрување на вакцини за идни болести на 100 дена, и финансиска и политичка подршка за реформирање и зајакнување на СЗО.
Игор Трајков