Најмалку милион евра на ден има загуби во Буџетот, а доспеваат и долгови за враќање од околу 2 и пол милијарди евра, но премиерот Христијан Мицкоски уверува нема простор за очај, кукање и паника. Во услови на зголемени цени на горивата во изминатиот период поради воениот конфликт на Блискиот исток кој ги разбранува берзите и најавите за поголема инфлација во март Мицкоски изјави дека државата мора да излезе од тешката ситуација во која се наоѓа, а за тоа имале план и јасен правец и насока.
„Сега нема да очајуваме и кукаме. Тоа е што е. Проблемот е тука. Јас не мислам да беседам на прес конференции и да очајувам и да создавам паника кај граѓаните. Ние како влада ја владееме ситуацијата точно знаеме каде одиме и немаме никаква дилема предизвици ќе има. Тешко е. Не е лесно. Многу ни се собра 2,5 милијарди евра треба да враќаме. Го враќаме и оној солидарен данок. Многу некако се собра. Од април почнуваме со исплата на платите од новите колективни договори се некако наеднаш дојде, но тоа е што е нема да очајуваме ќе се бориме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Очекувањата се дека инфлацијата за минатиот месец од сегашните 2, 9 ќе се искачи меѓу 4 и 5 проценти. Владата го зема во предвид и евентуалното замрзнување на цените, потврди премиерот, но најпрвин да видат како ќе се одвиваат работите за да не носат избрзани одлуки.
Количните на гориво се стабилни и покрај зголемената потрошувачка од милион и пол на два милиони литри дневно. Тоа се должи на купувањето на гориво од страна на странски државјани на бензиските пумпи во близина на граничните премини. До крајот на април пак ДДВ то за горивата останува на 10 отсто.
И покрај владините интервенции и очекувања цената на дизелот да остане иста, а бензините да бидат поевтини за 2 и пол денари, како и попустите за продажба на горивата Регулаторна сепак со поинаква одлука.
Нафтата ќе се покачи за 2 и пол денари. Со денешната одлука, според Регулаторна малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 1,41 отсто во однос на одлуката од 30 март. Сега литар дизел ќе изнесува 98 денари.
Цената на ЕУРОСУПЕР БС-98, не се менува. Останува 85 и пол денари. Намалување има само кај ЕУРОСУПЕР БС-95 за половина денар и изнесува 83 и пол денари. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за 3 денари. Цената на мазутот се зголемува за 0,901 ден.
Од „Окта“ претходно соопштија дека до крајот на април го продолжуваат попустот што се нуди при продажба на дизел на 3 денари литар и на бензини од 95 и 98 октани на 2 денари за литар.
Марија Митева
