Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој во моментов престојува во САД, ја информирал претседателката Гордана Силјановска – Давкова дека расте бројот на македонски државјани во регионот кои се пријавуваат во дипломатско-конзуларните претставништва за евентуална евакуација.
Таму воздушниот простор е затворен, а опцијата за евакуација по морски пат во моментов не е изводлива.
Од Министерството посочуваат дека граѓаните се безбедни и згрижени, а се работи на изнаоѓање начин за нивно враќање, истакна Давкова на пресконференција по денешниот Совет за безбедност.
Според информациите од безбедносните служби, состојбата во државата е стабилна и нема директна закана.
– Постојат системи за рано предупредување, институциите континуирано ја следат состојбата и редовно вршат проценка на ризиците во координација со партнерите од регионот. Засега нема најава за седница на НАТО, но комуникацијата со сојузниците е во тек, вели претседателката на Македонија.
Додава дека во моментов властите анализираат и можни економски последици од кризата, особено во делот на енергенсите, при што наведува дека државата располага со резерви за период од 40 до 90 дена.
Давкова порача дека во моментов нема причина за загриженост, но институциите внимателно ја следат состојбата, вклучително и евентуални закани кон верски објекти, и ќе реагираат соодветно доколку биде потребно.
