Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска упати остра порака до украинскиот претседател Володимир Зеленски, нагласувајќи дека Унгарија нема да дозволи да биде заплашена. Во објава на социјалната мрежа „X“, Орбан истакна дека, иако претседателите се менуваат и можни се лични навреди, достоинството на Унгарија не е предмет на преговори.
Реакцијата на Орбан доаѓа по говорот на Зеленски на Светскиот економски форум во Давос, во кој, според унгарските власти, украинскиот претседател повторно ја критикувал унгарската Влада и лично Орбан, оценувајќи дека поддршката за Украина од Европа е недоволна.
Орбан оцени дека Брисел ги прифатил сите барања на Украина, вклучително и финансиска помош и забрзан пристап кон ЕУ, додавајќи дека Унгарија нема да се согласи со таквата политика. Тој најави и национална петиција со која, како што рече, ќе се испрати јасна порака до Брисел дека Будимпешта нема намера да „плаќа“ за ваквите одлуки.
