Американскиот претседател е на пат кон Давос и целиот свет со одредена доза на трепет го очекува неговиот говор, чувство кое се продлабочи откако беше соопштено дека тој ќе доцни поради мал електронски дефект на претседателскиот авион.
Заканите за воведување нови царини за 8 европски земји, поради нивната опозиција на американските намери да го преземат Гренланд од Данска само дополнително ја зголемуваат загриженоста од, во најмала рака, економска конфронтација меѓу најголемиот трговски блок на светот и САД.
Вашингтон инсистира дека директната контрола врз најголемиот остров на светот е неопходна за гарантирање на американската национална безбедност, а претставниците на администрацијата, следејќи го примерот на Трамп, ги исмеваат напорите на НАТО сојузниците за зголемување на военото присуство на алијансата на високиот север.
„Тоа не е војска. Испратија неколку луѓе и рекоа дека не ги испратиле поради мене, туку за мене да го бранат од Русија. Но, знаете, НАТО веќе 20 години ја предупредува Данска, и подолго од тоа, 25. Ја предупредуваа Данска од руската закана, и не само од Русија, туку и од Кина исто така. Ќе видиме што ќе се случи. Но, да кажеме вака, ќе биде многу интересно во Давос“, рече Доналд Трамп – Претседател на САД.
Но, за разлика од минатогодишната европска агонија по првичното воведување на царините и фамозниот ден на ослободувањето, Европа овој пат е подготвена да се спротивстави. Се поголем е бројот на земји членки кои сакаат Брисел да ги употреби бројните инструменти кои ги има за економска одбрана, меѓу кои најзвучниот секако е т.н трговска базука, односно инструментот против принуда како што е официјалното име. Земјите кои на Вашингтон сакаат да му порачат „доста е“ ги предводи Франција.
„Европа има многу моќни алатки и мораме да ги употребиме кога не нѐ почитуваат, и кога правилата на играта не се почитуваат. Механизмот против принуда е моќен инструмент и не треба да се двоумиме да го употребиме во моменталната ситуација“, изјави Емануел Макрон – Претседател на Франција.
Подготвена на посериозен отпор е и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, а тоа се забележува и во нејзината реторика. Но, како што е постојано случај со Европа, постигнувањето консензус како да се продолжи е вистински предизвик. Не е мал и бројот на земји кои сакаат да се стави крај на ескалацијата и која предлагаат претпазливост и продолжување на дијалогот.
Политиката која САД ја водат по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа како никогаш претходно во последните 8 децении по Втората светска војна ги наруши односите меѓу западните сојузници, а економската конфронтација која сега виси над нив поради американските аспирации за Гренланд, со себе неминовно носи катастрофални економски последици
Игор Трајков
Дигитална обработка: T.Д.
