Семејството Аслани кое вчера ја доживеа најголемата трагедија, смртта на нивниот двегодишен син, јавно проговори за како што велат, полициска бруталност и понижувачки третман. Детето почина на скопските клиники , а наместо поддршка и сочувство, семејството тврди дека било изложено на насилство и сомнежи. Скршен од болка и тага денеска таткото побара правда.
Нивниот адвокат вели сторителот мора да се најде.
„Денеска е многу тажен ден заради тоа што го погребавме двегодишното дете коешто согласно медицинските документи коишто ги имаме во моментов е починато врз основа на насилна смрт.Се уште не знаеме точно од што и како е настаната таа насична смрт поради тоа што немаме детален обдукциски извештај кој што ни рекоа дека треба да го добиеме во следните три недели“, вели Срџан Амет адвокат на семејството Аслани
вчера за рома прес таткото тврдеше дека полициски службеници на него и на блиски членови полициски службеници им нанеле модринки по телото, но и дека бил испрашуван и третиран како осомничен, со прашања дали тој имал било каква вмешаност во смртта на сопствениот син.
„ Ми повикаа полиција ги тепаа моите чичковци, мене ме малтретираа. Два дена внатре не ме оставија да си го видам синот. Тука малце ми ја скршија раката, јас сум опериран и ме оставија на ладно ми рекоа не ти е ништо“, вели таткото на починатото двегодишно дете.
Од Министерството за внатрешни работи за Телма велат дека таткото заедно со уште три лица биле пријавени од болницата за насилно однесување поради што тие реагирале.
„До овој момент во Одделот за внатрешна контрола , криминалистички истраги и професионални стандарди нема пријава во врска со случајот за кој прашувате“, велат од МВР
Двегодишното дете било донесено на Ургентниот центар во исклучително тешка состојба, со метален стран предмет во главата. По 24 часа реанимација и максимални напори на лекарите, детето починало. Причината биле тешки и неповратни оштетувања на мозокот, а обвинителството издаде наредба за обдукција.
Симона Петровска
