Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Флорида ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во обид да се зајакне примирјето во Појасот Газа, кое се наоѓа во чувствителна фаза.
Разговорите се фокусирани на преминот кон втората, посложена фаза од договорот, што вклучува меѓународна стабилизациска сила, нов модел на управување со Газа, разоружување на Хамас и дополнително повлекување на израелските сили.
И Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето, додека судбината на последниот заложник од нападот на 7 октомври 2023 година останува нерешена.
Мајката на загинатиот израелски полицаец Ран Гвили, чии посмртни останки сè уште се во Газа, патува со Нетанјаху во САД, барајќи да не се продолжи со следната фаза од договорот без нивно враќање. Меѓувреме, хуманитарната состојба во Газа останува критична. Стотици илјади раселени лица се соочуваат со дожд и студ, живеејќи во шатори меѓу урнатини.
