„Криминални политики со тендери и неспособност во енергетиката се двете единствени причини поради која сите граѓани на Македонија ќе плаќаат поскапа струја и поради што се воведува кризна состојба“, реагираат од СДСМ.
Потсетуваат дека за само година и половина владата на Мицкоски ја довела најголемата државна енергетска компанија ЕСМ до финансиски и производствен колапс.
- Оваа година има историски најниско производство на домашна струја, нема ниту 3.000 GWh од планирани 5.100 GWh. Катастрофално лошо, велат СДСМ.
За да се надминат овие загуби власта купува скапа струја од увоз, за многу повисоки цени отколку што би било ЕСМ да ја произведува дома, смета опозицијата.
- Колку тоа ги чини граѓаните? 77 милиони евра е официјална загуба за само првите два квартали од 2025 години, со проекција од над 100 милиони евра загуба до крајот на 2025 година. Дополнително, над 110 милиони евра ЕСМ има земено нови кредити за само 18 месеци. Тоа се над 200 милиони евра! Зошто во сред зима нема најмалку 300.000 тони јаглен на депонија, како основен услов за сигурно зимско производство? Зошто мазутот не е набавен навреме, туку сега панично се бара решение? Прашуваме: Дали постои веќе избрана фирма за снабдување со мазут?, прашуваат од СДСМ.
