Францускиот претседател Емануел Макрон изјави оти е време, заедно со европските лидери, да се стапи во дијалог со рускиот претседател, Владимир Путин во контекст на актуелните напори што ги предводат САД за крај на војната во Украина, пишува весникот „Фигаро“.
„Мислам дека корисно е повторно да се разговара со Владимир Путин“, изјави Макрон пред новинарите по европскиот Самит во Брисел на кој беше постигнат договор за давање на 90 милијарди евра за поддршка на Украина.
Макрон наведе оти забележува дека поедини лидери веќе комуницираат со рускиот претседател, посебно алудирајќи на, како што рече, неговиот американски колега, Доналд Трамп кој повторно воспостави контакт со Путин по враќањето на власт.
„Мислам дека ние, Европјаните и Украинците, имаме интерес да најдеме рамка за правилно повторно вклучување во оваа дискусија. Во спротивно, ќе разговараме меѓусебно со преговарачите кои потоа ќе отидат и ќе разговараат насамо со Русите што не е идеално“, рече Макрон.
Тој потсети дека претставници на американскиот претседател моментно водат одвоени преговори со Москва, како и со Украина и европските партнери, во обид да се дојде до договор за завршување на војната.
Макрон оцени дека во тек е процес кој може да доведе до силен и траен мир со потребните безбедносни гаранции или до потребата Европјаните во наредните недели да најдат начин за повторно да воспостават „целосен дијалог со Путин“. Додаде таквиот дијалог би требало да се одвива во јасно дефинирана рамка и со целосна транспарентност.
