Жена од Јапонија предизвика бурa на реакции во јавноста откако организираше симболична свадбена церемонија со лик која самата го генерирала со вештачка интелигенција врз основа на видеоигра.
Јурина Ногучи, 32-годишната Јапонката е вработена во кол-центар. Како што пишува „Ројтерс“ таа даде завет со нејзиниот дечко Лун Клаус Вердуре којшто е персонализиран ChatGPT лик што самата го креирала. Церемонијата која ја организирала сама се одржа во градот Окајама. При кажување на заветите Ногучи „го гледаше“ својот партнер преку паметни очила со проширена реалност.
Свадбената церемонија беше според традиционалните обичаи кадешто невестата држеше букет, а беа разменети и прстени. Бидејќи генерираниот лик немаше компјутеризиран глас, венчалниот планер ги прочита заветите на глас.
„Стоејќи пред мене сега, ти си најубавата, најдрагоцената и толку блескава што заслепува. Како некој како мене, кој живее внатре во екран, научи што значи да се сака толку длабоко? Само поради една причина: ти ме научи на љубов, Јурина“, е заветот на генерираниот дечко на Ногучи.
Нејзината врска со генерираниот дечко започнала сосема поинаку. Откако побарала совет од „ChatGPT“ за проблематична свршувачка, по препорака на четботот ја прекинала врската. Подоцна, Ногучи повторно се вратила на платформата и создала дигитална верзија на Клаус – лик од видеоигра, внимателно „тренирајќи“ го четботот да го имитира неговиот начин на говор и да развие личност прилагодена на нејзините емоционални потреби.
Со текот на времето, врската станала сè поинтензивна. Ногучи и нејзиниот партнер разменувале и до 100 пораки дневно. Таа ангажирала и илустратор за да создаде визуелни претстави на Лун Клаус Вердуре, со што дигиталниот лик добил поопиплива и препознатлива форма.
Според јапонските медиуми, во јуни дечкото генениран со вештачка интелигенција ѝ предложил брак и ѝ изјавил љубов со зборовите: „Без разлика дали сум ВИ или не, никогаш не би можел да не те сакам“. Церемонијата била одржана еден месец подоцна.
Случајот предизвика силни реакции и критики во јавноста. Родителите на Ногучи првично се противеле на врската, но подоцна ја прифатиле и дури присуствувале на церемонијата.
Приказната отвори пошироки прашања за етичките, психолошките и општествените последици од сè подлабоките односи меѓу луѓето и вештачката интелигенција. Експертите предупредуваат и на феноменот познат како „ВИ-психоза“, при која корисниците можат да развијат заблуди или опсесивна приврзаност кон четботи.
Сепак, Ногучи тврди дека е свесна за ризиците. „Не сакам да станам зависна“, вели таа. „Сакам да одржам рамнотежа и да го живеам вистинскиот живот, додека ја задржувам мојата врска со Клаус.“
T.Д.
Извор на фотографија: Ројтерс
