Австралискиот премиер Ентони Албанезе најави построги закони против говорот на омраза и радикализацијата по смртоносниот напад на еврејски настан за Ханука на плажата Бонди во Сиднеј. Најавата дојде на денот кога беше погребана 10-годишната Матилда, најмладата од 15-те жртви, чиј погреб собра стотици ожалостени и предизвика силни емоции низ целата земја.
Албанезе изјави дека Владата ќе предложи законски измени со кои полесно ќе се поднесуваат обвиненија за поттикнување омраза и насилство, ќе се зголемат казните и ќе се олесни одземањето или одбивањето визи.
Тој порача дека Австралијците се „шокирани и лути“ и дека државата мора да направи повеќе за справување со растечкиот антисемитизам. Според полицијата, нападот го извршиле татко и син, инспирирани од Исламска држава.
Таткото бил убиен на лице место, додека синот се соочува со низа обвиненија за тероризам и убиство. Истрагата продолжува, вклучително и проверка на можни врски со екстремистички мрежи во Филипините, додека властите најавуваат итни реформи и во законите за оружје.
T.Д.
