Во земјава еден од петмина (22%) на возраст од 16 до 74 години, годинава користел алатки за генеративна вештачка интелигенција (ВИ). Повеќето ги користеле за лични цели (15,76%), додека 8,55% ги користеле за работа. Речиси еден од десет (9,4%) ја користеле за формално образование.
На ниво на ЕУ речиси една третина (32,7%) од луѓето на возраст од 16 до 74 години во ЕУ годинава користеле ВИ алатки. Повеќето ги користеле за лични цели (25,1%), додека 15,1% ги користеле за работа, а 9,4% за формално образование, покажуваат податоците за употребата на ИКТ во домаќинствата и од страна на поединци објавени од Евростат.
Како најчеста причина зошто не користеле ВИ алатки 43% од граѓаните на Северна Македонија рекле дека немале потреба, 11% зошто не знаеле како да ги користат, додека 2% поради загриженост за приватноста и безбедноста.
Во Европа лидер во користење на ВИ алатки е Норвешка (56,32%), а најмалку 17,19% ја користеле граѓаните во Турција.
Од земјите во регионот најмногу алатки за генеративна вештачка интелигенција рекле дека користат граѓаните на Грција (44,09%) и Словенија (37,56%). Потоа следи Хрватска (27,52%), Бугарија (22,5%) и Македонија (22,03%). Најмалку ВИ алатки користат граѓаните на Србија (18,64%) и Босна и Херцеговина (20,26%).
Употребата на алатки за генеративна ВИ на ниво на ЕУ, најраспространета е во Данска (48,4%), Естонија (46,6%) и Малта (46,5%). Спротивно на тоа, најмал удел на луѓе кои користат алатки за генеративна ВИ е забележан во Романија (17,8%) и Италија (19,9%).
Во ЕУ, 94% од поединците користеле интернет во последните три месеци во 2025 година, додека четири проценти ја поминале целата година без да користат интернет.
