Американскиот Конгрес вчера го одобри буџетот за одбрана што вклучува и 400 милиони долари годишна помош за Украина во следните две години.
Одлуката, усвоена и од Претставничкиот дом и од Сенатот, ќе му овозможи на Пентагон да ја снабдува Украина со оружје за да се одбрани од руската агресија. Законодавците сега го чекаат потписот од американскиот претседател Доналд Трамп за одлуката да стапи на сила, пренесува германската агенција.
Републиканците имаат тесно мнозинство во двата дома. Законот, исто така, поставува правила за американските трупи во Европа, барајќи вкупниот број на сили трајно стационирани во Европската команда да не падне под 76.000 повеќе од 45 дена без да се следат процедурите за известување за да се оправда намалувањето.
Проценките сугерираат дека годинава во Европа биле стационирани повеќе од 80.000 американски војници, а бројките флуктуираат поради ротации и вежби, особено откако руската инвазија на Украина започна на почетокот на 2022 година.
Трамп претходно се закани дека ќе го намали присуството на американските сили во Германија за време на неговиот прв мандат (2017-21).
Одлуките на Конгресот доаѓаат во време кога американската администрација сигнализира отстапување од тесната трансатлантска соработка, давајќи приоритет на „Америка на прво место“ во новата Национална безбедносна стратегија.
