Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска отвори посебен шалтер за системот „Безбеден град“ во Одделот за граѓански работи во зградата на МТВ во Скопје. Шалтерот ќе работи секој работен ден од 8 до 17 часот. Таму граѓаните ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците доставени при регистрација на возилата, доколку има промена или доколку добиле известување со неточни податоци.
Истата услуга ќе биде достапна и во станиците за технички преглед низ државата, каде има референт од МВР. Дополнително, забелешки и прашања поврзани со функционирањето на системот „Безбеден град“ може да се испраќаат и по електронска пошта на електронската адреса [email protected].
Од МВР информираат дека системот за регистрирање на сообраќајни прекршоци ќе започне да функционира од 1 февруари, наместо од 1 јануари, како што беше првично најавено.
