Два дена по масовното убиство на плажата Бонди во Сиднеј, кога во антисемитскиот напад против Евреите кои го прославуваа верскиот празник Ханука, беа убиени 15 лица, австралиската полиција за прв пат јавно потврди дека станува збор за „терористички напад инспириран од Исламска држава“.
Осомничени за крвавото злосторство се две лица, татко и син, на возраст од 50 и 24 години. Повозрасниот напаѓач бил убиен од полицијата во престрелката, додека неговиот син е ранет и хоспитализиран.
Според информациите, напаѓачите на Филипините престојувале меѓу 1-ви и 28-ми ноември, каде поминале низ воена обука. Австралиските власти застанаа и во одбрана на полицајците кои интервенираа во терористичкиот напад, по шпекулациите во дел од јавноста дека бројот на загинати бил толку голем затоа што припадниците на безбедносните сили задоцниле во интервенцијата.
Еден факт околу кој цела Австралија може со гордост да се обедини е дека еден од хероите во крвавото злосторство кое ја потресе нацијата е 43 годишниот Ахмед ал Ахмед, австралиски државјанин со потекло од Сирија, кој без огнено оружје успеа да го разоружа повозрасниот исламист и да му ја одземе автоматската пушка, спасувајќи голем број животи. Тој потоа бил ранет со два куршуми од помладиот напаѓач, по што бил пренесен на болничко лекување. Еднаш веќе бил опериран а пред да му извршена уште една хируршка интервенција, во болница го посети и австралискиот премиер, Ентони Албанезе.
Во анти-семитскиот напад во Сиднеј беа убиени 15 луѓе а уште 25 луѓе се уште се на болничко лекување по масакрот во неделата, од кои 10 лица се во критична состојба. Три повредени лица се во детското одделение.
Убиените во терористичкото злосторство се на различна возраст, исламистите неселективно сакале да усмртат што е можно поголем број лица. Најмладата жртва е девојче на возраст од 10 години, додека највозрасниот маж бил на 87 години.
Никола Илиевски
