Си поднесе оставка пред да го разреши собранието. Државниот обвинител Љупчо Коцевски на заминување се обрати до јавноста – „Предлогот за мое разрешување е пример за политичките притисоци врз правосудството кои ни ја парализираат борбата со корупцијата“. Постапката за негово разрешување ја смета за политичка одлука и правно неиздржана.
„Станува збор за предлог кој не е заснован ниту на закон, ниту на факти, туку претставува опасен преседан со далекусежни последици по независноста на јавното обвинителство. Законот е јасен, државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење“, изјави државниот обвинител, Љупчо Коцевски.
Еден час пред почетокот на седницата на која беше закажано неговото разрешување, ја добил поканата од собранието, но без предлогот за разрешеување, а не му бил овозможен ниту минимум разумен рок за да подготви свое обраќање поради што вели седницата била само формалност.
Една од причините поради кои смета дека владата тргна да го разрешува е тоа што иницираше дисциплински постапки против обвинители што го нарече тежок процес на прочистување на редовите на обвинителството
„Решив да не ги толерирам пропустите и незаконитостите во работењето на одредени јавни обвинители, како и милионските штети кои беа нанесени со нивните одлуки и да барам нивна одговорност. Ова не се лесни одлуки. Тие создаваат отпор. Тие создаваат непријатели. Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е заради мое непрофесионално работење. Тоа не е заради недостаток на резултати, туку затоа што, како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување“, додаде Коцевски.
Во последното обраќање како државен обивнител, Коцевски рече дека работел неселективно и транспарентно, а обвинителството ја зголемило ефикасноста и покрај кадровските и материјалните проблеми. Собранието само ја констатираше оставката. Му утврди престанок на функцијата јавен обвинител.
Владата ја почна постапката за разрешување во февруари, а ја паузираше по трагедијата во Кочани и изборите. Ја продолжи минатата недела. Во меѓувреме Собранието му изгласа и интерпелација, но тој ги одби повиците да си поднесе оставка.
По речиси две години откако беше избран, Коцевски заминува со оставка. Вели со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава.
Елена Ивановска Мукоска
