Почна демонтажа на билбордите и светлосните реклами од Железничката станица во Скопје. Тимови работници со камиони со кранови ги отшрафуваат билбордите, а дел од улицата под железничка е затворен. Рекламите ги отстрануваат компаниите кои ги поставиле.
“Железници” најавија реконструкција на објектот при што ќе се изврши темелно чистење на станицата и ќе биде обновено надворешното осветлување.
Железничката станица во Скопје е изградена во бруталистички архитектонски стил како дел од планот и визијата на јапонскиот архитект Кензо Танге за главниот град по земјотресот во 1963-та. Комплексот “Транспортен центар” целосно е завршен во 1981-ва година. Железничките перони се наоѓаат на бетонскиот мост долг 2 километри, најмаркантниот дел од станицата и транспортниот јазол.
Под станицата минува улица која ги поврзува Центар и Аеродром, а има и пешачка патека врз која по дождови и врнежи прокапува вода од пероните на железничката станица врз пешаците.
