Годинава што изминува Тетово се соочуваше со чести повеќедневни прекини во водоснабдувањето, и покрај тоа што до градот водата за пиење стигнува од два система. Тетовчани немаа вода, затоа што се случуваа дефекти на двата система кои носат вода – постариот од изворите околу Попова Шапка и новиот од планинските реки и филтер станицата. Прекини во водоснабдувањето имаше и поради честите проблеми, односно пукање на цевки во градската мрежа за дистрибуција до домаќинствата.
„Видете за вода, стварно е страшна работа за вода. Вода нема особено горниот дел што е поток горе, Два Бреста, Колтук. И ние овој дел што држиме од касарна нагоре, ние вода немаме и секој ден е водата заматена. И никој ништо не презема, никој ништо не презема. Колку кредити земаа однадвор, тие ќе прават водовод? – Нема ништо направено дете, ништо нема, ниту мислат дека ќе направат нешто. Не“, вели тетовец.
„Јас сум малку надолу. Цел град да нема вода, кај мене има вода. Последната капка доаѓа. Ама има луѓе што немаат доволно притисок, немаат вода. Имаше чести прекини годинава? – Имаше да“, изјави негов сограѓанин.
„Чести прекини имаше точно со водата. Инаку не чувствуваме, бидејќи претежно сме со хидрофори и не го чувствуваме. Во куќа живееме, ама некои што не се со хидрофори, го чувствуваат многу тоа“, рече жител на Тетово.
Уште во првиот мандат, градоначалникот најавуваше реконструкција на стариот водоснабдителен систем, како и анализа што може да се подобри за новиот, но овие два потфата останаа да се реализираат во наредната 2026 година.
Стручните лица од општинското претријатие за водовод велат дека количински вода има, но освен дефектите, како подолгорочно решение е инсталирање на дигитални водомери за да се спречи несовесното трошење на водата за пиење за други работи.
„Од 1.12.2025, ќе стапат во сила новите казнени мерки против злоупотребувачите на водата и нелегалните приклучоци во водоводната мрежа. Секој нелегален приклучок и секоја форма на злоупотреба на водата ќе биде санкционирана согласно законот. Предвидени казни – за домаќинства и физички лица од 500 до 2.000 евра, за бизниси, правни лица и инвеститори на згради кои вршат нелегални приклучоци до 5.000 евра“, соопштуваат од ЈКП „Шар Тетово“.
Според податоците на претријатието за водовод, во годината што изминува по старите износи, казни имало за 10 домаќинства и една компанија, затоа што несовесно трошеле или нелегално се приклучиле на водоводна мрежа.
Александар Самарџиев
