Вести Македонија

Реинтеграција како превенција од тешки форми на насилство

За да зборуваме за превенција од тешки форми на насилство и фемицид, мора сериозно да се подигне свеста за системот на поддршка на жените кои се жртви на насилство во оваа држава и токму реинтеграцијата е исклучително важна, покажуваат истражувањата на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Во овој дел се вклучени домување, вработување, финансиска помош, психолошка помош и образование со што жената ќе стане економски независна. Насилството врз жените не можеме да го спречиме, доколку не се предвидат финансиски средства за сервисите кои им се најнеопходни на жртвите, смета Димушевска.

„Програмата за реинтеграција постои, не е целосна како што треба да биде, но програма како документ е многу лесно да се ревидира и да се изработи. Она што е потешко да се направи е да ја убедиме владата, дека мора да одвои пари за ова, ако навистина сакаме да зборуваме за нулта толеранција врз насилство или ако сакаме да зборуваме за превенција. Она што постои сега во моментов е еднократна парична помош, ќе ставам акцент на еднократна, во износ од 15.000 денари. И таа не зависи од примањата и финансиската поддршка на жртвата, но тоа е единственото нешто што во овој момент жртвите можат да добијат како помош од државата“, изјава Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Веќе седум години Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство раководи со интервентен женски фонд во делот на реинтеграција. Секоја жена има различни потреби, покрај тоа што се жртви на различни форми на насилство, вели Димушевска.

„За нашиот фонд е многу важно што тој е ограничен на колку жени може да помогне. На пример, ако една жена нема каде да живее и треба буквално секој дел да го покриеме, обезбедување на кирија, режиски трошоци, храна, хигиена и други потреби за децата, значи за една жена во најмала рака треба да издвоиме 25.000 – 30.000 денари“, додава Димушевска. 

Во 2024-та година се случија четири фемициди и сите сторители беа партнери, без оглед дали станува збор за актуелни или поранешни партнери. Во претходниот период од 2014-та до 2024-та се регистрирани 115 убиства и обиди за убиства на жени. Во моментов, Националната мрежа се залага за тоа да прават увиди во судските предмети на правосилно завршените пресуди, за да се востанови колку од нив се фемициди.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со 69 гласови „за“ избрани новите министри

Дејан Дејан

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност – Временска прогноза за 15.7.2026

meteo

Мицкоски се извини: „Тоа никогаш нема да ни се повтори“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе