Околу 110.000 прекршоци се регистрирани преку системот „Безбеден град“ за 24 часа во Скопје, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оценувајќи ја како катастрофална бројка.
„Не ме држете прецизно за бројките, но околу 1.000 прекршоци се однесуваат на нерегистрирани возила, околу 5.000 прекршоци за поминување на црвено, но најстрашното е што над 90 отсто од вкупната бројка е пречекорување на брзина. Тоа се катастрофални бројки“, нагласи Тошковски.
Истакна дека во Европа има примери каде што нема никаква толеранција во брзината, како на пример во Швајцарија, Белгија и други држави. Има и примери, рече тој, каде што толеранцијата изнесува до 10 отсто над дозволената брзина и оти во наредниот период ќе се размисли како ќе се имплементира тоа кај нас.
„Во однос на слабостите на системот, констатиравме дека за мал број на прекршоци не соодветствуваат со фактичките податоци во записникот, со идентитетот на оној којшто ја примил пораката. Го знаеме проблемот, беше споделен и на социјалните мрежи, ќе утврдиме точно за причините за истиот и секако ќе го искорегираме. Морам да напоменам дека ова е тест период и целта е да ги запознае граѓаните за она што треба да следи во иднина и воедно да направи проверка на она што сме го утврдиле како системско решение“, нагласи Тошковски.
Рече дека во овој тест период се опфатени Скопје, Тетово и Куманово како градови, како и Коридорите 8 и 10.
„Имаме технички проблеми со Коридор 8 и 10 коишто се надевам дека за брзо време ќе ги отстраниме во наредните две недели. Целта на Владата е да го имплементира овој проект на територијата на цела Македонија. Секој граѓанин во Свети Николе, во Кочани, во Тетово, во Јажинце, во Охрид, во Струмица, заслужува да живее во град каде што безбедноста ќе биде на повисоко ниво. Проектот ќе се имплементира согласно бројот на возила, бројот на жители и статистиката за сообраќајни незгоди. Има повеќе критериуми според кои ќе се водиме во фактичката имплементација“, додаде Тошковски.
