Седум кандидати се пријавиле досега за член на Судски совет кој треба да го избере собранието и да седне на местото на Селим Адеми кому мандатот му завршува на средината на декември. Огласот истекува утре, но уште два дена ќе се чека да пристигнат и евентуално кандидатури по пошта. Според информации за Телма од Собранието, досега се пријавиле:
- Фехми Стафа, адвокат и поранешен државен правобранител.
- Аљбан Кадриу, дипломиран правник со положен правосуден испит
- Ганимете Беџети Исмаили, дипломиран правник со положен правосуден испит
- Феузи Џафери, адвокат
- Мони Авзији, дипломиран правник
- Ведат Салихи, дипломиран правник
- Демир Хамити, дипломиран правник со положен правосуден испит
Дел од кандидатите претходно се пријавуваа и за народен правобранител, за Антикорупцсика комисија и за Совет на јавни обвинители.
До крајот на неделата завршува и огласот за член на советот од редот на судии кој треба да го наследи Ханиф Зендели.
До крајот на месецот ѝ завршува мандатот и на Весна Дамева, а кандидат до Собранието за нејзин наследник треба да предложи претседателката Сиљановска Давкова, но не само за местото на Дамева, туку и за местото на Милјазим Мустафа кој си замина во јули, но претседателката тогаш најави дека ќе го чека новиот закон за судски совет кој сè уште не е донесен.
Со оглед на тоа што во наредниот период треба да бидат избрани четворица нови членови или тоа е околу една третина од членовите со право на глас, правниците порачуваат дека професионалноста и интегритетот на кандидатите треба да бидат пресудни, а не политичките калкулации.
