Екс контра разузнавач сведок во случајот „Таргет тврдина“ за уништување на опремата за масовно прислушување е дел од фирмата „Дигитал оне“ преку кој владејачката партија испумпува пари од Буџетот, тврди опозициската СДСМ. За СДСМ е спорно што фирма регистрирана минатата година, со само двајца вработени, добива тендери вредни 9 милиони евра а најчест клиент е Генералниот секретаријат на Владата. Од Владата вчера за Телма соопштија дека нема ништо спорно, а од ВМРО- ДПМНЕ наместо одговор на обвинувањата набројуваат коруптивни скандали на минатата политичка гарнитура.
Поранешен контра разузнавач е второто лице кое фигурира во фирмата „Дигитал оне“ за која опозициската СДСМ тврди дека е алатка на владејачката ВМРО – ДПМНЕ за испумпување на пари од Буџетот преку сомнителни тендери. Од седиштето на Бихаќка, портпаролката Кузевска, соопшти дека станува збор за лице поранешен службеник во УБК, кој бил сведок во процесот „Тагрет Тврдина“ за уништувањето на опремата за масовно прислушување.
„(Глигор)Поцев бил сведок во случајот Тагрет Тврдина за уништувањето на опремата за масовно прислушување како вработен во УБК во периодот на Сашо Мијалков. Како тоа лица кои биле дел од разузнавачки структури, кои директно или индиректно се поврзани со процеси за уништување на опремата за прислушување сега се пак во игра за милионски тендери за софтвери?“, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Според информациите на Телма, Поцев, работел и во ОТА од каде минатата година со група инженери ја напуштил агенција и преминал во приватниот сектор.
Од владејачката ВМРО – ДПМНЕ без одговор на тврдењата на СДСМ и со набројување на коруптивни скандали на претходниците.
„За да не биде скандал, СДС да појасни дали тој човек не треба да работи во таа фирма или не треба да работи никаде? Ова е резултат на очајот и паниката, но пред сè безидејноста во редовите на СДС. За потсетување во продолжение ги потсетуваме на безбројните афери чиј носител е СДС и нивниот лидер Венко, како „Шпанско село 2“ каде Филипче се стекна со огромен имот на Водно, сомнителните тендери во РЕК Битола и ЕСМ за набавка на јаглен од која фирма, исто така Филипче профитирал и тоа на поклон добил луксузен џип, аудито кју 8“, велат од ВМРО – ДПМНЕ.
СДСМ тврди дека фирмата „Дигитал оне“, стара само една година а веќе со тендери тешки 9 милиони евра, најчесто од Генералниот секретаријат на Владата е блиска до ВМРО – ДПМНЕ и дека се користи за испумпување на пари од Буџетот.
Според официјално достапните податоци фирмата со седиште во скопски Аеродром е основана кон крајот на август минатата година со минимален основачки влог од пет илјади евра а како сопственик и одговорно лице се јавува Арсовски. Во периодот од 14 мај до 20 ноември ги склучува шесте тендери вредни над половина милијарда денари.
Од Владата за Телма вчера соопштија дека договорот на Генералниот секретаријат за виртуелна платформа е тековна централизирана набавка за која имало договор која истекува овој месец и дека овој тендер бил спроведен исто како и претходниот пред три години со разлика дека сега фирмата имала повеќе авторизации.
Огнен Чанчаревиќ
Дигитална обработка: T.Д.
